По повод Меѓународниот ден на жената, м-р Михаела Ѓорчева, член на Управен Одбор на Меѓународен Славјански Универзитет и основач на Киноверзум учестуваше на Forbes 30/50 самитот кој се одржа во Абу Даби од 5. до 8. март 2024 година. Forbes 30/50 самитот се одржува трета година по ред, а годинава обедини над 350 успешни жени од 46 земји и од две Forbes листи (под 30 години и над 50 години), а м-р Михаела Ѓорчева е дел од листата 30 под 30 за Европа за 2022 година.



Во рамки на самитот м-р Михаела Ѓорчева имаше средба и со глобалната музичка икона Шанаја Твејн и со Софи Грегоар Трудо, која надвор од нејзините активности како прва дама на Канада и сопруга на премиерот Џастин Трудо, е позната и по нејзината работа во областа на менталното здравје, родовата еднаквост и емоционалната писменост.



Главниот фокус на настанот беше менторството. Светски лидери од политиката и бизнисот ги споделуваа своите искуства и менторираа на новите генерации на претприемачи. Целта беше да се создадат врски кои ќе траат цел живот. Настанот покажува како, за жените, искуството, мудроста и лидерството значат дека успехот повеќе нема рок на траење.

На настанот кој беше организиран од престижното американско списание Форбс учество земаа некои од најзначајните светски жени лидери. Домаќин на настанот и годинава беше Мика Брезински, а свои обраќања имаа голем број на говорници, вклучувајќи и добитници на Нобелова награда за мир, успешни претприемачи влијателни лидери од различни сектори.



Учесниците имаа можност да учествуваат во различни сесии кои покриваа широк спектар на теми, од лидерство и претприемништво, до ментално здравје и родова еднаквост. Самитот исто така нудеше сесии за менторство, платформи за вмрежување, како и неформално дружење и запознавање со локалната култура преку екскурзии и забава во пустината на која присуствуваше и Шанаја Твејн.



Самитот беше затворен со гала вечера во музејот Лувр во Абу Даби на која беа доделени награди и признанија на повеќе жени лидери, помеѓу кои беа и Елен Џонсон Сирлиф, првата жена претседател на Либерија и музичката ѕвезда Шанаја Твејн.



М-р Михаела Ѓорчева е дел од листата Forbes Under 30 – 2022 на која се истакнуваат по 30 најуспешни млади претприемачи во Европа, основач на единствениот македонски ланец на кина, Киноверзум и член на Управниот Одбор на Меѓународен Славјански Универзитет.

Слични написи