Скопје, Кисела Вода – вечерта на 15. март 2024 година, на црвен тепих со бројни гости и во свечена атмосфера, беше отворено четвртото кино на Киноверзум. Со тоа, Киноверзум повторно ја врати филмската магија во Кисела Вода после 35 години и тоа на истата локација каде што порано беше сместено старото кино. Киноверзум во Кисела Вода се наоѓа во комплетно реновираниот Дом на култура „Билјана Беличанец“.

На свеченото отворање лентата ја пресече проф. д-р Јордан Ѓорчев, основач на Меѓународен Славјански Универзитет заедно со нашата актерска легенда, Гоце Тодоровски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. На отварањето актерот Рубенс Муратовски со емоционално обраќање го истакна значењето на Киноверзум за културниот живот во општината, додека градоначалникот Ѓорѓиевски го нагласи сентименталното значење на старото кино за жителите и го потенцираше значењето на новиот објект како историски момент за сите љубители на филмот во општината.



Отворањето на Киноверзум во Кисела Вода е почеток на ново поглавје за единствениот македонски ланец на кина, Киноверзум, кој започна со работа на Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе во 2019 година, а потоа се прошири во Штип и Велес. Како што истакна проф. д-р Јордан Ѓорчев, Киноверзум претставува домашен бренд кој има потенцијал да го прошири своето присуство и надвор од границите на Република Северна Македонија. Киноверзум во 2022 година беше дел и од листата на престижното американско списание Forbes, кога неговиот основач, м-р Михаела Ѓорчева беше на листата 30 Under 30 за Европа.

По свеченото отворање присутните имаа ексклузивна можност да уживаат светскиот филмски хит „Dune: Part Two“, означувајќи го почетокот на нова ера на филмската уметност во срцето на Кисела Вода.

Слични написи