По цели 35 години, Кисела Вода повторно ќе добие кино, Киноверзум! Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ денес беше потпишан договор за користење на салата. Потписници на договорот беа Влатко Зафирковски, директор на Дом на култура „Билјана Беличанец“, и м-р Михаела Ѓорчева, основач на Киноверзум. На потпишувањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски го истакна значењето на овој договор како круна на досегашните напори за обнова на Домот на култура „Билјана Беличанец”. Обновата, поддржана од Министерството за култура и Општина Кисела Вода, сега означува враќање на киното како средиште на културното изразување и пристап до филмската уметност за локалните жители. Овој чин ги отвора вратите на едно ново културно поглавје, каде културата станува лесно достапна и блиска до домовите на граѓаните.



Деновиве започнува и опремувањето на салата со најнова технологија, а граѓаните може да очекуваат проекции секој ден. Подгответе се да бидете дел од историјата кога на 14. март ќе ги отвориме вратите на нашата најнова кино сала со капацитет од 169 места. Со ова отворање, Киноверзум продолжува со својата мисија да го збогатува културниот живот на локалните заедници, нудејќи им пристап до најновите европски и холивудски филмови. Од детски филмови до светски хитови, нашата програма е дизајнирана да ги задоволи сите вкусови и генерации.

Киноверзум е основан во 2019 година како единствено универзитетско кино во земјава, а дел од Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе. Киноверзум досега има речиси 400 прикажани филмови и околу 5000 реализирани проекции.

 

Слични написи