На 08.10.2020 со почеток од 19:00 часот, во Киноверзум – 3Д кино во Свети Николе се одржа премиера на првиот македонски долгометражен детски филм „Стела“, кој за прв пат во Македонија е еко или зелена продукција.



На премиерата, публиката имаше  можност да се дружи со режисерот Стојан Вујичиќ, сценаристката Ева Камчевска, актерот Петар Маниќ и продуцентот Огнен Антов. Екипата на филмот одговараше и на прашања за филмот, а најбројни беа прашањата во врска со шарпланинката Стела.

Најпрво се претстави продуцентот Огнен Антов кој се заблагодари на присутните во салата и ја претстави присутната екипа.



„Би сакал да се заблагодарам во ова време на корона што сте во толкав број, јас сум навистина изненаден, првпат доаѓам во ова кино и воопшто во Свети Николе. Навистина сум позитивно изненаден како се изгледа, Ви благодарам уште еднаш, се надевам уживавте. Ова е првпат да се направи ваков филм во Македонија, воопшто, за деца и за целото семејство“. – изјави режисерот Стојан.



„И јас би сакал да се заблагодарам што сте во толкав број тука и доколку сакате можете слободно да ме прашате се што Ве интересира“. – изјави актерот Петар



Актерот доби прашање од публиката кое гласеше: „Каде е сега Стела?“ на што тој одговори „Стела моментално е кај тренерот, таа е чувана и подготвувана за филм од 4 месеци, а сега има околу 2 години“.


Сценаристката Ева исто така се заблагодари на публиката и одговараше на нивните прашања, меѓу кои беше и прашањето „Од каде се јави мотивацијата за ова сценарио?“ на што таа одговори „Приказната започна многу оддамна, околу 7 години пред премиерата на овој филм – ние живееме со овој филм. Мотивацијата е поттикната од режисерот и продуцентот, ова не е моја оригинална идеја, ова е и нивна идеја, а мене ми направија чест да дојдам и заедно да ја развиеме приказната и да го напишеме сценариото.“.



„Стела“ е приказна за куче – Шарпланинка чие име е Стела, детето Никола и еден дедо. По обидот за самоубиство на едно десетгодишно дете кое е малтретирано во училиште, шарпланинката Стела е единствената која може да го спаси и да му ја врати верата во животот. Стела е чувана од еден дедо кој избегал од луѓето за да живее сам на бачилото.
Дедото несвесно го прифаќа Никола и во текот на целата авантура, бегајќи од своето семејство, тие стануваат семејство. Не знаејќи, се доблужуваат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци. Главен лик во филмот е Шарпланинка Стела,  12-годишниот Петар Маниќ (кој прв пат се појавува на филм), како и актерите Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ. Овој филм е копродукција помеѓу „Дрим Фактори“ – Македонија, чиј продуцент е Огнен Антов, „Акција Продукција“ – Србија, чиј продуцент е Јована Караулиќ и „Моуна“ – Германија, чиј продуцент е Никол Акерман. Сценариото е на Ева Камчевска, во режија на Стојан Вујичиќ.

Слични написи