Претседателката Гордана Силјановска Давкова присуствуваше на фестивалот Киненова во Киноверзум
Киноверзум годинава имаше чест да биде партнер на 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, кој се одржа од 15. до 20. октомври во Скопје.
Посебна чест и привилегија за нас беше посетата на Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, на настанот посветен на финскиот филм заедно со амбасадорот на Финска, Н.Е. Никлас Линдквист, како и на проекцијата на филмот „Жена-убиец“ од грчката режисерка Ева Натена. На настаните во Киноверзум присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој ја истакна поддршката на општината за културните проекти од ваков ранг.
Фестивалот беше отворен на 15. октомври во киното Фросина, каде што австрискиот режисер Улрих Зајдл ја прими престижната награда „Златна грива“ за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност. Со проекцијата на филмот „На сè доаѓа крај“ од хрватскиот режисер Рајко Грлиќ, на 20. октомври го затворивме ова успешно предјубилејно издание на Киненова. На проекцијата присуствуваше и актерот Јанко Поповиќ Волариќ.
Годинава фестивалот носи инспиративна тема – „Што е прво: Филмот или приказната?“ – отворајќи простор за истражување на врската помеѓу раскажувањето и визуелната уметност. Нашето партнерство со Киненова, заедно со поддршката од сите инволвирани институции, уште еднаш ги потврди напорите кои Киноверзум ги вложува да биде културна точка за промоција на врвната филмска уметност.
Горди сме на улогата што ја имавме во овој престижен фестивал и се радуваме на идни успешни соработки, со планови следната година фестивалот да се одржи паралелно и во останатите три кина на Киноверзум – Свети Николе, Велес и Штип.