На 28 февруари 2024 година Националната опера и балет во Скопје беше центар на филмската музика и вечниот сјај на Оскарите, како домаќин на првата Оскаровска гала вечер. Оваа спектакуларна ноќ беше исполнета со емоции, незаборавни изведби и хитови кои оставија печат во историјата на филмот.

Изведбите на врвни поп и оперски пејачи, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и Националниот џез оркестар, под диригентство на Бисера Чадловска, ги воодушевија присутните. Водителката на вечерта, Миланка Рашиќ, со својот шарм и харизма, нè водеше низ приказната на хитовите. Овој настан беше совршена прилика за сите љубители на филмот и музиката да ги прослават своите омилени моменти од филмовите.



Претставници од менаџментот на Киноверзум, вклучително и м-р Михаела Ѓорчева, основачот на Киноверзум, беа помеѓу гостите на настанот. Издвоен момент од вечерта беше средбата помеѓу м-р Михаела Ѓорчева и Тамара Раѓеновиќ, како колешки од Forbes Under 30 листата за Европа. Тамара Раѓеновиќ е оперска пејачка од Црна Гора и Англија и настапи со песната “Parla più piano” од филмот “The Godfather”, оставајќи ја публиката без здив.



Оваа гала вечер го збогати културниот календар на нашата земја, нудејќи едно незаборавно патување низ магијата на филмската музика. Организирањето на првата Оскаровска гала вечер е во пресрет на 96. доделување на филмските награди „Оскар“ и сметаме дека со овој настан се зајакнува врската помеѓу македонската културна сцена и светската филмска индустрија.

Слични написи