М-р Михаела Ѓорчева од Киноверзум и МСУ на Forbes Under 30 самит во Кливленд, Охајо, САД
На покана на престижното американско бизнис списание Форбс, м-р Михаела Ѓорчева, основач на Киноверзум и член на Управен одбор на Меѓународен Славјански Универзитет, присуствуваше на 2023 Forbes Under 30 Summit во Кливленд, Охајо, САД.
Кендал Џенер, Bad Bunny, Machine Gun Kelly, Latto и Halsey беа дел од звучните имиња кои говореа и имаа настапи на настанот.
Самитот се одржа во периодот од 8 до 11 октомври 2023 во Cleveland Public Auditorium и беше наменет за сите кои се на листата Forbes Under 30 во која Форбс истакнува по 30 најдобри претприемачи, активисти, научници до 30 години.
Настанот започна на 8 октомври со концерт на Latto и Halsey.
Официјалната програма ја отвори главниот и одговорен уредник на Форбс и основач на Forbes Under 30 листата, Рандал Лејн, по што заменик гувернерот на Охајо, Џон Хастед, се обрати пред илјадниците учесници.
Првото интервју беше со Остин Расел кој исто така е на Forbes Under 30 листата, а на 25-годишна возраст стана најмладиот милијардер кој сам го стекнал своето богатство како основач и директор на Luminar Technologies.
Во моментов 28-годишниот претприемач е во постапка за купување на 82% од американското бизнис списание Форбс.
Истакнати бизнисмени, основачи на компании, инфлуенсери, инвеститори, актери, пејачи и активисти говореа за претриемништвото, важноста на менталното здравје и практиките за менување на светот кон подобро.
Една од говорничките на настанот беше и Кендал Џенер која зборуваше за својот бренд 818 текила.
Machine Gun Kelly зборуваше за своите брендови The 27 Club и UN/DN LAQR.
Bad Bunny беше дел од четиричленото жири кое ги оценуваше бизнис идеите на 5 млади претприемачи со потекло од Латинска Америка, со цел на награди еден од нив. Победникот доби награда од 300.000 долари, вклучувајќи и парична награда од 100.000 долари доделена од Bad Bunny.
Листата на сите говорници на настанот може да ја погледнете овде.
М-р Михаела Ѓорчева како дел од листата имаше можност да учествува и на тркалезна маса на тема „Наоѓање начини за претприемништво во креативните уметности“, при што зборуваше за своето искуство при градењето на Киноверзум како бренд и неговото развивање.
Затворањето на самитот се одржа во Кливленд во музејот Rock And Roll Hall of Fame, а домаќин на настанот беше Machine Gun Kelly. На настанот се обрати и градоначалникот на Кливленд, Џастин Биб.
М-р Михаела Ѓорчева е дел од Forbes Under 30 листата за 2022 година како сопственик на Киноверзум, единственото приватно кино во сопственост на жена и водено од жена во Република Северна Македонија.
Киноверзум е дел од кампусот на МСУ во Свети Николе, а во моментов е единствениот македонски ланец на кина.