М-р Михаела Ѓорчева и м-р Моника Илиева се двете претприемачки од Република Северна Македонија кои земаа учество на Форбс 30/50 самитот кој се одржа во Абу Даби од 7 до 10 март 2023 година по повод Меѓународниот ден на жената. Во рамки на самитот нашите претприемачки остварија средба и со главниот и одговорен уредник на Форбс и основач на Forbes Under 30 листата, Рандал Лејн.

М-р Михаела Ѓорчева е дел од листата Forbes Under 30 – 2022 на која се истакнуваат по 30 најуспешни млади претприемачи во Европа, основач на единствениот македонски ланец на кина, Киноверзум и член на Управниот Одбор на Меѓународен Славјански Универзитет.

М-р Моника Илиева е претприемач и ко-основач на продуцентската и издавачка куќа Cafe De Anatolia.. Од 2022 година станува член на Forbes Business Council организацијата за најуспешни претприемачи и бизнис лидери од целиот свет, по добиената ексклузивна покана.



На настанот кој беше организиран од престижното американско списание Форбс учество земаа некои од најзначајните светски жени лидери, меѓу кои и поранешната државна секретарка на Соединетите Американски Држави, Хилари Клинтон, првата дама на Украина Олена Зеленска, лауреатката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусафзаи (виртуелно учество), познатата актерка и претприемач, Џесика Алба, Нејзиното Височество принцезата Ламија Бинт Мајед Сауд Ал Сауд од Саудиска Арабија, актерката и добитничка на Еми награда Кетрин О’Хара, новинарката и активистка Глориа Стајнем… Листата на сите говорници е достапна на следниов линк.



Форбс 30/50 самитот обедини околу 500 успешни жени лидери. Настанот покажува како, за жените, искуството, мудроста и лидерството значат дека успехот повеќе нема рок на траење. Самитот беше отворен со гала вечера во Претседателската палата на Обединетите Арапски Емирати, а вклучуваше и гала вечера во музејот Лувр во Абу Даби на која беа доделени награди и признанија на Олена Зеленска, Били Џин Кинг, Малала Јусафзаи и Глориа Стајнем.



На гала вечерата во Лувр присуствуваше и Меј Маск, модел и диететичар, мајка на бизнисменот Илон Маск.



Главниот фокус на настанот беше менторството. Светски лидери од политиката, бизнисот и невладините организации ги споделуваа своите искуства. Целта беше да се создадат врски кои ќе траат цел живот. М-р Михаела Ѓорчева имаше и 1:1 менторска сесија со Мика Брезински – претседавач на Форбс 30/50 самитот, основач на Know your value, водителка на американската утринска емисија, Morning Joe.



 

Слични написи